Теми од суштинско значење за деблокада на македонските евроинтеграции и спорот со Бугарија биле дискутирани на средбите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со новото раководство на Европскиот совет во Брисел.
Мицкоски ги запознал европските челници со аргументите на Владата за надминување на спорот со Бугарија пред почеток на преговорите за членство во Европската Унија.
Ваквите разговори, како што најави тој, ќе продолжат и на претстојниот Самит на Европската Унија со земјите од Западен Балкан од 17 до 19 декември.
“Разговаравме за сите теми коишто се од суштинско значење. Повторно поминуваме низ аргументите, дебатираме, даваме нови аргументи. Сепак треба да имате претстава дека тоа се нов состав, комплетно нов состав, вчера им беше практично вториот работен ден и дека голем дел од информациите коишто сега ги примаат се практично нови информации за нив. И врз основа на тие дискусии очекувам сега дополнително во периодот којшто следи да се развијат и обликуваат определени можни решенија”, изјави денеска Мицкоски.
Претседателот на македонската Влада не верува во инстант решенија.
“Правиме сè што можеме шести месец по ред буквално со сите можни, би рекол, личности коишто можат да играат улога во надминувањето на овој наметнат спор којшто не ни дозволува да напредуваме кон полноправно членство во ЕУ поради егзибиционистичката надворешна политика на претходната Влада, односно политика во којашто се гледа само до носот, подалеку од носот никој не гледал, така што сега мораме и тоа да го решаваме и ќе го решаваме, ќе се бориме, нема откажување”, рече тој.
Мицкоски во Брисел рисуствувапе на неформалната работна вечера што за лидерите од земјите од Западниот Балкан ја организираше новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Освен со Кошта Мицкоски се сретна и со комесарката за проширување Марта Кос.