Ковачевски се сретна Апатурај  за предизвикот со хибридните напади     Фото: Влада на Република Северна Македонија

Тим на експерти предводен од Џејмс Апатурај, заменик помошник генерален секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици ќе и помогне на Северна Македонија во справување со хибридните напади со кои се соочува земјата, а кои најчесто се во форма на лажни дојави за поставени бомби во училиштата и институциите.

„Северна Македонија се соочува со намерен, одржлив и циничен хибриден напад. Но, како членка на НАТО, таа не се соочува сама со овој предизвик, туку како дел од семејството на демократии кои стојат заедно и се поддржуваат една со друга“, изјави Апатурај при посетата на Скопје.

Тој се сретна со македонскиот премиер Димитар Ковачевски при што истакна дека ги поздравува значајните чекори кои се преземени од владата за одбрана и зајакнување на отпорноста против хибридните напади.

Премиерот Ковачевски се заблагодари на НАТО за целата поддршка која Северна Македонија ја добива во борбата со новите безбeдносни предизвици и за договорените следни чекори во зајакнување на сајбер безбедноста на држaвата.

Најголем проблем кој го предизвикуваат хибридните напади кои не престануваат со месеци е попречувањето на образовниот процес, но и создаваат чувство на вознемиреност и страв кај учениците, просветните работници и родителите.

Како НАТО одговара на хибридните напади?

Доктрината на НАТО во однос на хибридните напади врз земјите членки се базира на колективен одговор, односно идентично како и при евентуален конвенционален напад на некоја од членките.

Хибридните напади се дефинирани како активности насочени кон таргетирање институции, влијание врз јавното мислење и поткопување на безбедноста на граѓаните кои живеат во земјите на Алијансата.

Во последните години карактеристично е што стануваат почести, побрзо се реализираат и тоа на поголеми размери благодарение на технолошките иновации и нивната злоупотреба.

Во такви случаи одговорот на НАТО се состои од зајакнување на отпорноста во таргетираната земја, поддршка преку искористување на заедничките капацитети за одбрана, креирање на анти-хибридни тимови за поддршка кои нудат конкретни мерки според потребите на нападната држава, и безбедносна и разузнавачка поддршка преку аналитичките единици.

Алијансата исто така може да преземе и активни мерки за спротивставување на дезинформациски и пропагандни напади преку обезбедување на факти во борба со лажните наративи.

TRT Balkan
Популарни