Шенѓун ги соборува рекордите во НБА и цели кон шампионската титула / Photo: AA

Алперен Шенѓун, кошаркарскиот репрезентативец на Туркије кој настапува за тимот на Хјустон Рокетс во американската Национална кошаркарска лига (НБА), изјави дека сака да биде избран за олстар во НБА и да ја почувствува радоста на шампионската титула.

Шенѓун постојано е во агендата на спортската јавност со својот настап и рекордите што ги собори неодамна.

Тој откри дека сака да биде еден од најдобрите играчи во НБА.

„Планот за мојата кариера е да бидам избран во олстар-тимот и да станам шампион во НБА. Се надевам дека долги години ќе останам во Хјустон. Мислам дека тука има рекорди што можам да ги соборам и шампионати што можам да ги освојам“, истакна Шенѓун во интервју за Агенција Анадолија.

Со своите настапи во Хјустон, Шенѓун вели дека ги претставува своето семејство и својата земја.

„Секогаш се трудам да дадам сѐ од себе за тимот и за себе. Морам да го дадам најдоброто од себе. Рекордите се добар момент за мене. Ќе ги соборам рекордите што можам да ги урнам. Среќен сум“, нагласува тој.

„Навистина ми значи тоа што ме поддржуваат од Туркије“

Алперен Шенѓун потенцира дека е многу среќен за поддршката што ја добива од јавноста.

„Ги гледам коментарите и пораките. Нашата младина и постарите ми праќаат пораки. Многу сум задоволен од ваквата ситуација. Навистина ми значи што ме поддржуваат од Туркије. Ќе продолжам да бидам пример за младите. Се надевам дека ќе зборуваат за мене во иднина, како што јас зборувам за Хидајет и за Мехмет. Се надевам дека ќе им оставам добар спомен“, истакнува Шенѓун.

На прашањето што мисли за зборовите на спортскиот коментатор Ридван Дилмен во врска со него, Алперен Шенѓун го рече следното: „Многу му благодарам за коментарите и за тоа што убаво зборуваше во врска со мене. Вакви работи постојано се случуваат, тој коментар имаше голем одек, беше настан. Многу сум благодарен.“

Последователни НБА рекорди на Алперен Шенѓун

Турскиот кошаркар стана најмладиот центар во историјата на НБА кој постигнал трипл-дабл на натпреварот против Сакраменто Кингс што го одигра на 12 јануари. Истовремено Алперен е запишан и како најмладиот играч кој го постигнал тоа во историјата на Рокетс.

Пет дена по овој рекорд, Алперен настапи против Лос Анџелес Лејкерс. На овој натпревар тој го собори својот личен рекорд постигнувајќи 33 поени, 15 скока, 6 асистенции и 4 блокади и по вторпат се запиша во историјата на НБА.

Алперен Шенѓун со овој перформанс го надмина легендарниот Шекил О'Нил и стана најмладиот центар во историјата на НБА кој постигнал 30+ поени, 10+ скока и 5+ асистенции на еден натпревар.

AA
Популарни