Словенечкиот кошаркар на Далас и еден од најдобрите европски и светски кошаркари, Лука Дончиќ, влезе во историјата на НБА како прв кошаркар кој во еден меч постигнал 60 поени со 21 скок и 10 асистенции.
Екипата на Далас Маверикс во продолженијата го совлада Њујорк Никс со 126:121 со историскиот трипл-дабл учинок на словенечката ѕвезда Лука Дончиќ.
Маверикс така ја забележа четвртата последователна и вкупно 19. победа сезонава, а пред сѐ, благодарение на словенечкиот „маестро“ Дончиќ, кој имаше неверојатна статистика и стана првиот играч во историјата на НБА кој постигнал трипл-дабл со над 60 поени и повеќе од 20 скока со 10 асистенции.
Дончиќ во последниот натпревар го собори и личниот рекорд во кариерата кога станува збор за поени постигнати на еден меч, а претходно има постигнато најмногу 51 поен.
Во исто време, тој го собори и клупскиот рекорд кој го држеше Дирк Новицки, кој постигна 53 поени на натпревар против Хјустон Рокетс во 2004 година.