Србија само победа ја носи во осминафинале.         Фото: Ројтерс

Продолжуваат натпреварите од последното коло од првата фаза на светското фудбалско првенство во Катар. Денот носи интересни натпревари во групите Г и Х.

Во групата Г, Србија и Швајцарија во директен дуел треба да одлучат за вториот патник во осминафиналето од оваа група. Швајцарците се втори со три бодови, а Србите на четвртата позиција со само еден бод. Србија само победа ја носи во осминафинале. Швајцарија може да се пласира во следната фаза и со нерешен резултат.

Во вториот натпревар играат Бразил и Камерун. Бразил е прв во групата со шест бодови, додека Камерун е на третата позиција со еден бод.

Во групата Х Гана игра против Уругвај, а вториот натпревар е Јужна Кореја – Португалија. Токму Португалија е прва во групата со шест бодови, Гана е втора со три, а на третата и четвртата позиција се Јужна Кореја и Уругвај со по еден бод.

Германија си оди дома, Јапонија слави

Втор пат по ред Германија не успева да ја мине групната фаза на светско првенство. Она што се случи во Русија пред четири години се повтори синоќа. Германците иако ја совладаа Костарика со 4:2 во групата Е сепак не успеаја да се пласираат во осминафиналето. Јапонија во вториот натпревар направи изненадување и ја совлада Шпанија со 2:1. Затоа Јапонија и Шпанија одат понатаму, а Германците си одат дома.

Јапонија – Хрватска, Шпанија - Мароко

Јапонија во осминафиналето ќе игра со Хрватска, а Шпанија против Мароко. Овие двојки беа формирани по последното коло и во групата Ф. Мароко и Хрватска се репрезентациите кои го продолжуваат шампионатот. Мароко во последното коло ја совлада Канада со 2:1 и се најде на првата позиција во групата со седум бодови. Хрватска и Белгија ги поделија бодовите 0:0. Хрватска е втора со пет бодови, а Белгијците го завршија настапот на мундијалот на третата позиција со четири бодови.

TRT Balkan / агенции
Популарни