Европските лидери го осудија денешниот атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо и го изразија својот шок од нападот, во кој Фицо беше тешко ранет.
Според официјални лицат, Роберт Фицо се бори за својот по живот, откако бил застрелан повеќе пати по седница на Владата во градот Хандлова.
Локалната телевизија JOJ објави дека маж од толпата отворил оган кон премиерот кога тој излегол од зградата за да ги поздрави жителите на градот.
Според достапните информации, кои веднаш почнале да се шират, Фицо се здобил со две-три прострелни рани, наводно во пределот на градниот кош и стомакот
Претседателката на Словачка Зузана Чапутова најостро го осуди денешниот брутален и непромислен напад врз словачкиот премиер.
„Шокирана сум. Му посакувам на Роберт Фицо многу сила во овој критичен момент за да се опорави од нападот“, рече таа на платформата X.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, изрази шокираност од нападот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, велејќи дека нема место за насилството во европската политика.
„Веста за кукавичкиот обид за убиство на словачкиот премиер Фицо длабоко ме шокираше. Насилството не смее да има место во европската политика“, објави Шолц на платформата Х.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро го осуди гнасниот напад врз Фицо.
„Ваквите акти на насилство немаат место во нашето општество и ја поткопуваат демократијата, нашето најскапоцено заедничко добро. Моите мисли се со премиерот Фицо и неговото семејство“, рече таа на платформата Х.
И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека е шокиран од веста за нападот врз словачкиот премиер по состанокот на словачкиот кабинет.
„Ништо не може да оправда насилство или такви напади. Моите мисли се со премиерот и неговото семејство“, нагласи тој на платформата Х.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека е шокиран и згрозен од нападот врз Роберт Фицо.
„Му посакувам сила за брзо закрепнување. Моите мисли се со Роберт Фицо, неговите најблиски и народот на Словачка“, изјави Столтенберг на Х.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, го изрази својот шок од грозоморниот напад врз неговиот пријател Фицо.
„Се молиме за неговото здравје и брзо закрепнување! Господ да го благослови него и неговата земја!“, рече Орбан на платформата X.
И британскиот премиер Риши Сунак беше шокиран од веста за нападот на Роберт Фицо.
„Шокиран сум од оваа страшна вест. Нашите мисли се со премиерот Фицо и неговото семејство“, рече Сунак на платформата Икс.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го осуди нападот врз словачкиот премиер, нарекувајќи го „страшен“.
„Треба да се направи сè за да се осигура дека насилството нема да стане норма во која било земја, форма или сфера“, рече тој на платформата Х.