Германија ги затвори своите последни нуклеарни реактори / Photo: AA

Германија викендов ги затвора своите последни атомски реактори, означувајќи го крајот на нуклеарната ера на земјата по повеќе од 60 години.

Нуклеарната централа „Исар 2“ во Баварија, „Емсланд“ во Долна Саксонија и „Некарвестхајм 2“ во Баден-Виртемберг се исклучени од мрежата синоќа, соопштија енергетските компании РВЕ, ПреусенЕлектра и ЕнБВ.

Најголемата економија на Европската Унија одлучи постепено да ја намалува нуклеарната енергија во 2011 година, по нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, но германските индустрии и опозициските партии неодамна повикаа на продолжување на работата на централите.

Германската трговска и индустриска комора минатата недела предупреди дека земјата може да се соочи со недостиг на енергија и високи цени во месеците што доаѓаат поради планираното исклучување на реакторите.

Неодамнешната анкета на јавниот сервис АРД, исто така, покажа дека 59 отсто од Германците се против укинувањето на нуклеарната енергија, а многумина од нив изразија загриженост поради зголемувањето на цените на енергијата.

И покрај широко распространетата загриженост, леволибералната коалициска Влада на канцеларот Олаф Шолц одлучи да продолжи со планот.

Министерката за животна средина Штефи Лемке го поздрави историскиот чекор и истакна дека постепеното напуштање на нуклеарната енергија ќе ја направи земјата побезбедна.

„Ризиците од нуклеарната енергија на крајот, во случај на несреќа, не може да се менаџираат“, рече таа во изјавата.

Министерот за економија и клима Роберт Хабек се обиде да ја увери јавноста дека снабдувањето со енергија ќе биде обезбедено и по прекинот на користењето нуклеарна енергија.

„Ја имаме ситуацијата под контрола благодарение на високите нивоа на складиран гас во капацитетите и новите терминали за течен природен гас на брегот на Северна Германија и благодарение на сѐ поголемиот број обновливи извори на енергија што сега се достапни“, изјави тој за германските медиуми.

Социјалдемократската партија на канцеларот Шолц и нејзиниот коалициски партнер, Зелените, долг период го поддржуваат нуклеарното исклучување и ја промовираат транзицијата на Германија кон обновливи извори на енергија.

Поддршката за напуштање на нуклеарната енергија е најголема меѓу гласачите на Зелените (82%), по што следуваат гласачите на Социјалдемократската партија (56%), покажува минатонеделното истражување на јавното мислење спроведено од АРД.

Нивниот трет коалициски партнер, Слободните демократи (ФДП), останаa неволни, но не го блокираа планот, а 65 отсто од гласачите на ФДП се против нуклеарното постепено прекинување.

TRT Balkan / агенции
Популарни