Лидерот на Хезболах Наим Касем нагласи дека не треба да му се дозволи на Израел да го нарушува суверенитетот на Либан и да влезе во земјата и да „убива како што сака“ / Photo: AA

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац денеска објави дека неговата земја инсистира на правото да дејствува воено против Хезболах во секој договор за прекин на борбите во Либан.

Кац изјави дека „услов за какво било политичко решение во Либан е зачувување на разузнавачките способности и зачувување на правото на израелската армија да дејствува и да ги штити граѓаните на Израел од Хезболах“, пренесува АП.

Претходно лидерот на Хезболах, Наим Касем најави дека преговорите продолжуваат, но дека не треба да му се дозволи на Израел да го наруши суверенитетот на Либан и да влезе во земјата и да „убива како што сака“.

Касем објави дека неговата група го добила американскиот предлог за прекин на огнот, додавајќи дека преговорите ќе продолжат да се види дали ќе дадат резултати.

Тој истакна дека секој прекин на огнот ќе зависи од одговорот на Израел и сериозноста на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Касем нагласи дека не треба да му се дозволи на Израел да го наруши суверенитетот на Либан и да влезе во земјата и да „убива како што сака“.

Тој истакна дека Хезболах ќе преговара и ќе се бори во исто време.

Лидерот на Хезболах исто така додаде дека групата ќе остане присутна во политичкиот живот на земјата дури и по постигнување договор за прекин на огнот.

Американскиот пратеник Амос Хохштајн, кој со месеци се обидува да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и либанскиот Хезболах, претходно денеска одржа втор круг преговори со претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, сојузник на милитантната група.

Хохштајн рече дека ќе отпатува во Израел за да се обиде да постигне примирје и да стави крај на војната со либанската група Хезболах, откако објави напредок во разговорите во Бејрут.

Тој рече дека гледа „реална можност“ да се стави крај на конфликтот откако либанската влада и Хезболах се согласија на предлогот на САД за прекин на огнот.

Според новите податоци на либанското Министерство за здравство, повеќе од 3.500 луѓе се убиени, а 15.000 се ранети во израелските напади и борби во Либан.

На почетокот на октомври, Израел започна копнена офанзива против Либан и започна тешки напади на југот на земјата, јужните предградија на Бејрут и долината Бека.


TRT Balkan / агенции
Популарни