Продолжуваат тензиите по големата воена операција во Џенин/ Фото: AA

Израелските сили денеска го ракетираа подрачјето на Либан од кое претходно беа истрелани две ракети кон израелска територија, соопшти израелската армија.

Претходно светските агенции, повикувајќи се на три либански безбедносни извори, објавија дека непознати милитанти истрелале две ракети од јужен Либан кон Израел, од кои едната паднала на либанска територија, а другата во близина на спорна област на границата.

Инцидентот се случи откако Израел ја заврши една од најголемите воени операции во последниве години на окупираниот Западен Брег на градот Џенин и на бегалскиот камп .

Во воздушните и копнените напади на израелските сили, кои траеја 48 часа, животот го загубија 12 Палестинци, од нив четири деца. Во овие напади се ранети 120 лица, а меѓу нив 20 се во тешка здравствена состојба. Израелската војска, повлекувајќи се од бегалскиот камп, соопшти дека загинал еден војник.

Новинарка на Би-би-си: Израелските сили со задоволство убиваат деца

Новинарката на Би-би-си (ББЦ) Ањана Гадгил во разговор со поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет, на изјавата на Бенет дека „палестинските деца се милитанти“, возврати со реченицата: „Израелските сили со задоволство убиваат деца.

Бенет за време на вчерашното гостување во програмата на Би-би-си, зборувајќи за израелските напади на Џенин, Палестинците убиени во операцијата ги нарече „терористи“, а водителката Гадгил го потсети дека ОН тие лица ги дефинира како „деца“.

Потоа Гадгил на Бенет му го постави прашањето: „Израелските сили тоа го нарекуваат ‘воена операција’, но сега знаеме дека се убиени млади луѓе, вклучително и четири лица помлади од 18 години. Дали навистина тоа е целта на војската? Да убива лица на возраст од 16 до 18 години?“

Во својот одговор Бенет повтори дека 11 лица од загинатите во операцијата на израелската војска биле „милитанти“ и истакна: „Тоа што млади терористи одлучиле да земат оружје, тоа е нивна одговорност.“

По одговорот на Бенет, водителката Гадгил ги опиша мртвите како „деца“ и рече: „Израелските сили со задоволство убиваат деца“, на што Бенет возврати: „Знаете, навистина е неверојатно тоа што го велите, бидејќи нѐ убиваат нас.“

Протести во Тел Авив / Фото: AA AA

Оставката на шефот на полицијата на Тел Авив предизвика протести и судири

Оставката на началникот на полицијата на Тел Авив синоќа предизвика големи протести и судири низ цел Израел, особено во Тел Авив.

Најавувајќи ја својата оставка на прес-конференција, Ами Ешед, повикувајќи се на притисокот од екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, рече дека не успеал да ги исполни очекувањата на Министерството бидејќи не ги довел во прашање правилата, протоколите, организациската структура и културата.

„Плаќам висока цена за спречувањето граѓанска војна“, истакна Ешед.

Тој претходно беше разрешен поради неговата блага интервенција за време на повеќемесечните протести во Тел Авив против спорниот судски договор на Владата, но подоцна Бен-Гвир го врати на функцијата.

Набргу по најавата за оставка на Ешед, илјадници луѓе ги преплавија улиците на Тел Авив во знак на протест. Демонстрантите со часови го барикадираа автопатот Ајалон во двата правца, користејќи израелски знамиња и палејќи пожари и огномет на патот.

Израелската полиција интервенираше со водени топови.

Според јавувањата на израелските медиуми, антивладините протестни групи се мобилизираа на околу 30 локации низ целата земја. Полицијата приведе најмалку 25 лица, од кои 15 во Тел Авив.

AA
Популарни