Важат за приватна војска на Владимир Путин. Во војната во Украина имаат специјални задачи. Наводно нивната главна цел е ликвидација на украинскиот претседател Владимир Зеленски, премиерот Денис Шмигаљ и браќата Владимир и Виталиј Кличко.
Групата „Вагнер“ на која меѓународните организации и ги припишуваат најголемите злосторства при инвазијата во Украина, за првпат се појави во 2014 година кога ги поддржуваше сепаратистичките движења на руското население од истокот на земјата во Доњецк и Луганск. Последните информации говорат дека регрутираат припадници и во регионот. Проценките се дека 20.000 припадници на оваа паравојска се борат во Украина.
Улогата на Балканот и низ светот
Советникот на американскиот Стејт Департмент Дерек Шоле при неодамнешната посета на Белград изјави дека „Вагнер“ има активности за регрутирање војници во Србија.
„Видовме дека групата „Вагнер“ сака да регрутира војници од Србија и од други места, и тоа е нешто што сметаме дека не може да се прифати“, рече Шоле по средбата во минатата недела со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Припадниците на Вагнер беа активни и при анексијата на украинскиот регион Крим. Претходно беа вклучени и во воените судири во Сирија, Мозамбик и Судан. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2020 година упати критики за платениците на „Вагнер“ кои се борат во Либија како поддршка на Калифа Хафтар, воен лидер кој се бореше против легитимната либиска Влада и ги поткопа напорите за мир и единство во Либија.
Грабежи и масовни убиства во извештаите на ОН
Според извештаите на Обединетите нации за човекови права, членовите на „Вагнер“ стрелале во цивили, извршиле масовни убиства и вршеле грабежи. Причината за присутноста на „Вагнер“ во Украина, според многумина, е потребата на руската армија од платеници со искуство, но и за да служат како топовско месо наместо да има уште поголеми загуби кај официјалната војска на Русија.
Пригожин, Уткин и името Вагнер?
„Вагнер“ формално на хартија не постојат бидејќи како што пишува Би-Би-Си, приватните војски во Русија се нелегални. Евгениј Пригожин, кој е близок со Владимир Путин, важи за човек кој ја одиграл клучната улога во формирањето на групата. Тој тоа го негираше до септември минатата година. Тогаш призна дека ја основал руската приватна воена формација Вагнер во 2014 година. Пригожин го нарекуваа „Готвачот на Путин” бидејќи има бизнис во угостителството и организирал разни свечености за рускиот претседател.
Важна улога во формирањето на Вагнер има и Димитриј Уткин. Тој едно време важеше за водач на групата, а за него според пишувањата на „Њујорк Тајмс“ и името на Вагнер.
Според овие информации водачот на формацијата се одлучил за името по композиторот „Вагнер“, кој бил миленик на Хитлер. И покрај тоа што Владимир Путин ја негира поврзаноста со „Вагнер“ сепак постојат повеќе заеднички слики на Уткин и рускиот претседател. Уткин е ветеран од војната во Чеченија и припадник на руската разузнавачка служба.