Хамас предложи трифазен план за прекин на огнот, кој вклучува 135-дневна пауза во борбите во замена за ослободување на заложниците / Photo: AA

Првиот ден од квадрилатералниот состанок во Каиро на кој присуствуваа официјални претставници од Катар, Египет, Израел и САД за прекинот на огнот во Појасот Газа беше позитивен, при што страните се согласија да продолжат со консултациите за изнаоѓање решение за хуманитарна криза, објавија египетските медиуми блиски до владата.

„Консултациите ќе продолжат во следните три дена“, објави Ал Кахера њуз, цитирајќи висок извор.

Сепак, ниту еден од официјалните лица кои присуствуваа на средбата не даде изјава.

Израелска делегација вчера пристигна во Каиро за да присуствува на состанокот за изгледите за постигнување прекин на огнот во Газа и размена на заложници со палестинската група на отпорот Хамас.

Претходно минатата недела делегација на Хамас го посети Каиро за да разговара за можна размена на заложници и прекин на огнот во Газа.

Минатата недела Хамас предложи трифазен план за прекин на огнот во Газа, кој, според палестински извор, вклучува 135-дневна пауза во борбите во замена за ослободување на заложниците.

Оригиналниот рамковен договор за прекин на огнот во Газа беше разработен на минатомесечниот состанок на највисоките претставници на САД, Израел, Катар и Египет во Париз.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, обвинет за геноцид, ја отфрли понудата на Хамас за прекин на огнот и вети дека ќе ја продолжи војната во Газа додека не ја поразат палестинската група.

Израел верува дека 134 Израелци се држат во Газа откако израелската армија во понеделникот успеа да ослободи двајца заложници во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.

Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по прекуграничен напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.

На 26 јануари, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напад и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот, по барањето за геноцид поднесено од Јужноафриканска Република.

Сепак, израелските сили продолжуваат да го напаѓаат Појасот Газа.

За 128 дена во израелските напади врз Појасот Газа загинаа 28.473 Палестинци.

AA
Популарни