Путин изјави дека сегашниот западниот модел на глобална безбедност пропаднал и дека Западот треба да најде начин да соработува со Русија / Photo: AA

Претседателот Владимир Путин во петокот рече дека Русија ќе го прекине огнот и ќе влезе во мировни преговори ако Украина се откаже од амбициите за НАТО и ги повлече своите сили од четирите украински региони за кои Москва има претензии.

Во пресрет на мировната конференција во Швајцарија, на која Русија не беше поканета, Путин постави низа услови кои се во целосна спротивност со условите што ги бара Украина.

„Условите се многу едноставни“, рече Путин во говорот во руското Министерство за надворешни работи, наведувајќи го целосното повлекување на украинските војници од целата територија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во источна и јужна Украина.

„Штом во Киев изјавија дека се подготвени за таква одлука и да започнат со вистинско повлекување на војниците од овие региони, а исто така и официјално да го објават откажувањето од нивните планови за влез во НАТО - од наша страна, веднаш, буквално во истата минута, следи наредбата за прекин на огнот и почеток на преговорите“, рече тој.

„Повторувам, тоа ќе го направиме веднаш. Се разбира, во исто време ќе гарантираме непречено и безбедно повлекување на украинските единици и формации“, додаде тој.

Русија контролира речиси една петтина од територијата на Украина во третата година од војната. Украина вели дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на руските сили и обновување на нејзиниот територијален интегритет.

Викендов на самитот во Швајцарија, на кој ќе присуствуваат претставници на повеќе од 90 земји и организации, се очекува да се избегнат територијалните прашања и наместо тоа да се фокусираат на прашања како што се безбедноста на храната и нуклеарната безбедност во Украина.

Кремљ соопшти дека средбата ќе се покаже „залудна“ без руски претставник.

Путин рече дека светот дошол до точка од која нема враќање поради, како што го нарече, колапсот на „западниот модел“ на глобалната безбедност и дека е време да се создаде нов и постабилен систем на негово место.

„Јасно сме сведоци на колапс на евроатлантскиот безбедносен систем. Денес тој едноставно не постои, неопходно е суштински да се создаде одново“, рече Путин.

„Сето ова бара заедно со нашите партнери, со сите заинтересирани земји, а ги има многу, да ги разработиме сопствените опции за обезбедување безбедност во Евроазија, а потоа да ги предложиме на поширока меѓународна дискусија“.

Путин рече дека е време да се зборува за нов безбедносен систем во Европа и Евроазија, а Русија е отворена да разговара за тоа со сите, вклучително и со НАТО.

„Важно е да се тргне од фактот дека идната безбедносна архитектура е отворена за сите евроазиски земји кои сакаат да учествуваат во нејзиното создавање. „За сите“ значи и европските и земјите од НАТО, се разбира“, рече тој.

„Живееме на ист континент. Што и да се случи, не можете да ја промените географијата, ќе мора да коегзистираме и да работиме заедно на овој или оној начин“, рече тој.

Истовремено, рускиот претседател во петокот одземањето на рускиот државен имот од страна на Западот го нарече кражба и рече дека тоа нема да помине неказнето.

Путин, говорејќи пред претставници на Министерството за надворешни работи, рече дека начинот на кој Западот ја третира Москва покажува дека „секој“ може да биде следен и да стане жртва на слично замрзнување на имотот што го спроведуваат западните земји.

Тој зборуваше еден ден откако лидерите на Г7, група од седум големи демократии, се согласија за нацрт-договор за обезбедување заеми од 50 милијарди долари за Украина користејќи камата од руските државни средства, замрзнати откако Москва испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година за таканаречена специјална воена операција.

TRT Balkan / агенции
Популарни