Стапува на сила прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската група.     Фото: АА (Архива)

Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската група Исламски џихад, посредуван од Египет во Појасот Газа стапи на сила синоќа во 11.30 часот по локално време.

Договорот за прекин на огнот се случи по тридневните израелски воздушни напади врз Газа, во кои загинаа најмалку 44 Палестинци, а над 360 беа повредени, се вели од палестинското Министерство за здравство.

Израел и Исламски џихад се договориле за прекинот на огнот во Газа да започне во 23.30 часот, потврдија претходно извори за Агенција Анадолија (АА).

Египет, исто така, ги повика двете страни да го почитуваат меѓусебното и сеопфатното примирје во Газа.

Официјален египетски извор, цитиран од државната новинска агенција МЕНА, рече дека Египет прави напори да го ослободи палестинскиот затвореник Халил Авауде и да го пренесе на лекување, како и Басам ал Саади, кој исто така е во израелски притвор.

Авауде (40) беше уапсен од израелските сили во декември и задржан без судење. Тој, наводно, штрајкувал со глад околу еден месец бидејќи останал во затвор без обвинение.

Ал Саади, висок претставник на политичкото крило на Исламски џихад, беше приведен од израелските сили претходно оваа недела во рација во градот Џенин на Западниот Брег.

Исламски џихад, од своја страна, го потврди прекинот на огнот во Газа.

„Прекинот на огнот е постигнат со посредство на Египет, кој ќе стапи на сила во 23.30 часот по палестинско време“, изјави портпаролот на движењето Дауд Шехаб.

Претходно, израелскиот премиер Јаир Лапид изјави дека воената офанзива во Газа „ги постигнала своите цели“.

Израелски воени авиони извршија воздушни напади во Појасот Газа во петокот, повикувајќи се на, како што рече Армијата, „непосредна закана од напади“ од страна на Исламски џихад.

Од загинатите, според Министерството за здравство, најмалку 15 се деца, а четири се жени.

Минатата година, Египет успеа да посредува за прекин на огнот за да стави крај на 11-дневните израелски воздушни напади врз Газа во кои загинаа над 200 Палестинци, а илјадници беа повредени.

Тринаесет Израелци, исто така, загинаа од палестински ракетен оган од Газа за време на конфликтот.

ОН го поздравија прекинот на огнот

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, го поздрави прекин на огнот меѓу Газа и Израел.

Во писменото соопштение на портпаролот на генералниот секретар се истакнува дека генералниот секретар Гутереш е длабоко тажен поради загубата на животи и ранети лица меѓу кои и деца, од воздушните напади во Газа и ракетите истрелани кон Израел.

Се наведува дека е упатено најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите. Исто така се посочува дека непријателствата во регионот предизвикаа вонредна состојба од хуманитарен аспект.

AA
Популарни