Во Лондон започна Конференцијата за закрепнување на Украина / Photo: AA

Конференцијата за закрепнување на Украина 2023 (URC 2023) започна во Лондон, на кој учествуваат лидери и официјални лица за да помогнат во мобилизирањето за финансиска и политичка поддршка за повоеното закрепнување на земјата.

На дводневниот настан учествуваат претставници на меѓународни финансиски институции, од приватниот сектор и граѓанското општество од над 60 земји.

Целта на Конференцијата е да се обезбеди меѓународна поддршка за повоената реконструкција во Украина.

За време на воведната сесија, британскиот премиер Риши Сунак ја повтори британската поддршка за Киев, велејќи дека неговата земја соработува со сојузниците „за да ги истражи законските патишта за користење на руските средства“ во обновата на Украина.

Тој потврди дека неговата земја ќе ѝ обезбеди на Украина повеќегодишен пакет финансиска поддршка од 3 милијарди долари за да помогне во стабилизирањето на нејзината економија.

Меѓу другото, украинскиот претседател Владимир Зеленски имаше видеообраќање при што рече дека закрепнувањето е глобална задача.

„Ние ја штитиме Украина и на тој начин ја штитиме слободата. Кога ќе ја изградиме Украина, ќе изградиме слобода за земјата, регионот, континентот и светот“, рече Зеленски.

Според Светска банка, на Украина ќе ѝ бидат потребни повеќе од 400 милијарди долари за реконструкција.

AA
Популарни