Украинскиот претседател рече дека планот содржи и три тајни анекси / Фото: AFP

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во обраќањето пред Парламентот го претстави планот за победа, односно за ставање крај на војната со Русија која трае од февруари 2022 година.

Зборувајќи во Врховната рада во Киев, Зеленски истакна дека пет точки го формулираат неговиот план, од кои првата е повикот за влез во НАТО.

„Ние разбираме дека членството во НАТО е прашање на иднината, а не на сегашноста. Но, рускиот претседател Владимир Путин мора да види дека неговите геополитички калкулации се поразени“, рече Зеленски.

Останатите точки од неговиот план се одбраната, ненуклеарното одвраќање, економијата и постконфликтната безбедност во Евроатлантскиот Регион.

Зеленски рече дека Украина предлага да се распореди сеопфатен ненуклеарен стратешки пакет за одвраќање што ќе ја заштити Украина од руските напади.

Тој рече дека критичните депозити на ресурси на Украина се меѓу клучните цели на Русија во тековниот конфликт, повикувајќи на зајакнување на економскиот потенцијал на Украина.

„Овие ресурси вклучуваат ураниум, титаниум, литиум, графит и други стратешки вредни ресурси кои ќе ги зајакнат или Русија и нејзините сојузници или Украина и демократскиот свет“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател рече дека планот содржи и три тајни анекси.

„Ако почнеме да се движиме по овој победнички план сега, можеби ќе можеме да ја завршиме војната најдоцна до следната година“, додаде тој.

AA
Популарни