Зеленски: Украина ги спречи руските сили да влезат во Европа / Photo: AA

Украинскиот претседател доцна синоќа рече дека украинските сили не ѝ дозволиле на руската армија да напредува кон Европа.

„Руските убијци и коморите за мачење не можат да маршираат понатаму во Европа затоа што ги задржуваат Украинците кои држат оружје под сино-жолтото знаме“, рече Владимер Зеленски во видеопорака.

„Кога руското зло ја започна оваа војна на 24 февруари 2022 година, сите Украинци се кренаа да ја одбранат својата земја. Христијани, муслимани, Евреи - сите“, додаде тој.

Зеленски рече дека руската армија ги продолжува воздушните напади врз Украина, но „ние дополнително ќе ги зајакнеме нашата моќ на гаѓање и Украинската воздушна одбрана. Повеќе системи за противвоздушна одбрана и други средства за уништување на руската авијација го приближуваат мирот. Благодарен сум на сите во светот што ни помагаат во ова. Украина ќе има повеќе системи за противвоздушна одбрана - работиме многу напорно на тоа.“

Во својата видеопорака Зеленски, исто така, го отфрли повикот на папата Франциск Украина да влезе во мировни преговори со Русија.

„Порано имаше многу бели ѕидови на куќи и цркви во Украина, но тие сега се запалени и оштетени од руските гранати. Ова доволно зборува за тоа кој треба да запре за да заврши војната“, рече тој.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, исто така, остро го критикуваше папата што ја повика нацијата да има „храброст да го подигне белото знаме“, имплицитно повикувајќи на нејзино предавање на руските сили.

„Најсилен е оној што во битката меѓу доброто и злото стои на страната на доброто наместо да се обидува да ги стави на иста страна и да повика на 'преговори'. Во исто време, кога станува збор за белото знаме, ја знаеме оваа стратегија на Ватикан од првата половина на 20 век. Апелирам да се избегне повторување на грешките од минатото и да се поддржат Украина и нејзиниот народ во нивната праведна борба за своите животи“, рече Кулеба.

AA
Популарни