Постер за настапите на ДЏ Соко во Токио     Фото: ТРТ Ворлд

Беше ноември 2015 година кога јапонската публика се возбуди на музиката која ја пушташе Роберт Соко. Босанскиот ДЏ ги натера Јапонците да играат на возбудливите ритмови.

На Соко му беше прилично позната јапонската публика која оди на журки - тие доаѓаа често на забави низ Европа и за него беа многу живописни и благодарни.

Тие ја обожаваа балканската музика иако на него му беше јасно дека на нив не им е баш познато за што станува збор.

„Тие претежно се фокусираа на ритамот и сакаа да откачат целосно“, вели Соко. „Тие исто така имаа чуден начин да ме третираат како некој вид на диџејска поп-ѕвезда или идол, па кога им делев автограми на ЦД, за нив беше многу посебен момент“.

Тогаш се случи нешто многу необјасниво. Како што публиката постепено се загреваше на подиумот за танцување, слики од Хитлер и Мусолини и фашисти со чизми марширајќи во колони на митинзите во Нирнберг беа проектирани на ѕидот над ДЏ кабината.

Соко беше зачуден, но не и целосно шокиран. „Што тие слики имаат заедничко со балканската музика, се прашуваше Соко“.

„Тоа за мене е уште една илустрација за тоа колку чудно всушност Јапонците не перцепираат нас европјаните и воопшто историјата“.

Годините помеѓу 2005 и 2012 генерално се сметаат дека се пикот на Балканскиот хајп - кога клаберите од Европа (па и Америка до одредена мерка) ги преплавуваа забавите на Балканот за своите грижи да ги заборават преку веселите, дрски клупски траки ремиксани со тешки примеси на електроника, басови и брејк битови.

Иако трендот избледува веќе неколку години тука во Европа, единственото место каде се уште има сила, изненадувачки е Јапонија, земја без историја на миграција од Балканот и каде самата идеја за ромската заедница, клучна за идејата на Европа за балканските забави, всушност е целосно непозната.

Босанскиот ДЏ и жител на Берлин понекогаш е нарекуван „Кумот на Балканските битови“. Соко кратко пред војната во Југославија ја напуштил родната Зеница и во 1993 година започнал да пушта музика на југо-носталгични забави за разновидна група на балканска дијаспора во панк клуб во Берлин во алтернативната област Кројцберг.

Иако до денес се води голема борба помеѓу различни фракции на ДЏ-и и музичари за тоа кој бил прв и кој на кого му бил влијание, многу е јасно дека забавите на Соко инспирирале цела група на источноевропски пост-комунистички клупски ноќи, од забавите Русдиско на Владимир Карминер во Берлин до настаните на поп-ѕвездата Шантел во клубот Буковина во Франкфурт на Мајна.

Постепено Соко почнал да ја забележува музиката во српските филмови на Емир Костурица. Но, музиката на неговиот сонародник Горан Бреговиќ го натерало Соко да ја преиспита музиката со која пораснал во Босна, а која никогаш не ја сфаќал сериозно.

„Бев запознаен со ориенталната музика на Мухарем Сербезовски, но не обрнував многу внимание додека растев“, вели Соко. „Ми беше потребен Бреговиќ за да ја откријам магијата на оваа музика“.

Соко потоа ќе го пропатува светот, пуштајќи ја балканската музика и ширејќи ја „балканизацијата“ од Холивуд до Манагва, од Амстердам до Кејп Таун, предизвикувајќи клупски тренд наречен „Балкански битови“, спој на балкански етно звуци со електроника.

Соко дури и ја заштити марката „Балкан Битс“ под негова издавачка куќа. Потоа бил поканет во Јапонија од неговите колеги ДЏ Тагада од Париз и Кирил Копини, француски јапонофил кој живее во Јапонија од 1996 година, и кој ја основа „Балкан Битс Токио“.

Колку и да го сакаат, Јапонците всушност не го разбираат Балканот“, вели Копини. „Мислам дека за нив Балканот е уште една далечна галаксија. Во последно време во мода е кумбија. И така значи, океј кумбија е од Јужна Америка, и Балканот е од Истокот на Европа, а рокенролот е од Америка“.

Интересно е што многу јапонски балканофили доаѓаат од се поизразената сцена за арапски стомачни танци во Токио, Осака и другите големи јапонски градови.

Герман Попов, украински музичар кој настапува под уметничкото име „Нашиот човек од Одеса“ (ОМФО), вели дека Јапонците ги поставуваат западните културни изрази на сосема ново рамниште.

„Се што може да најдете на Запад може да го најдете и тука во Јапонија, но во хипер форма. Познавам луѓе кои се мајстори на традиционални ориентални инструменти како канон и уд. Исто така стомачните танци се многу популарни и многу луѓе ги изучуваат, а тој тренд трае веќе со години“, вели Попов.

„Има многу луѓе кои се по стомачните танци кои доаѓаат на нашите забави“, вели Чику Јутака, јапонски Балкан ДЏ кој помогна да се основа Балкан Битс Токио. Со изострен моден стил, еден вид на трендсетер, тој е заслужен за привлекување на „хип“ публиката на забавите.

„Јас самиот настапив на фестивал за стомачни танци во паркот Јојоги во Токио. Но, која е поврзаноста на стомачните танци и балканската музика? Поврзаност дефинитивно постои. Но, луѓето кои се фанови, се малцинство во Јапонија и немаат многу достапни информации на темата. Затоа тие доаѓаат на моите забави, тие се само љубопитни“.

Љубопитни, но сепак со сопствен поглед на балканската музика, вака ги доживува Соко јапонските фанови.

„Како ДЏ ја гледаш публиката, ја чувствуваш и до некој степен можеш да ја прочиташ како буквар. И додека ја читам јапонската, забележувам дека се малку „неискрени“. Знаат да се зафркаваат по малку. Секако, тие ќе скокаат, ќе им биде забавно и супер, но некако ја немаат истата фрекфенција како останатата публика во Европа“.

Една од работите по која балканските забави во Јапонија и Европа се разликуваат е возраста. Во Европа овој стил започна кај публиката која имаше по дваесетина години, но со текот на времето, како што и самите диџеи стареат (Соко има 52 години), така старее и публиката. Денес не е чудно да видите луѓе во нивните четириесетти па дури и педесети години да присуствуваат на забавите на Соко.

Во Јапонија од друга страна музиката е попривлечна на далеку помлада публика.

„Во Јапонија кога ќе достигнеш доцни триесети години, да речеме 35 години, повеќе не одиш по клубови, особено ако си во брак и имаш деца. Ова е навистина голема разлика со Европа. Во Берлин кога настапував секако, дека видов млади луѓе, но имаше и луѓе на наша возраст, нешто што никогаш нема да го видиш во јапонските клубови“, вели Копини.

„Во Јапонија мора се да биде кул. Мора да си многу брз ако сакаш да бидеш во чекор со публиката денес. Бидејќи истата публика која сега има дваесетина години ќе ја изгубиш за неколку години“.

Шинго Мацуда е свирач на канон од Јапонија, музичар кој настапува на улиците во Берлин и свири во различни арапски, турски и балкански групи во градот.

Мацуда живее во Берлин од март 2017 година, свирејќи на својот канон осум години во Јапонија пред да дојде овде. Тој започнал со инструментот во Јапонија на предлог на пријател откако изразил интерес за арапска музика.

За оние кои не знаат, канон е голем жичен инструмент со тенок трапезоиден звук, кој е познат по својот уникатен мелодраматичен звук. Често се среќава во турските ансамбли за класична музика. Тоа што некој од Јапонија решил да го научи е невообичаено.

Слушнав различни приказни за потеклото на канонот, а според една легенда, изворот може да се бара во Кина и Јапонија, каде што имаат сличен жичен инструмент наречен кото, а мислев дека потеклото од далечниот исток е причина за интересот на Шинго за инструментот.

„Тоа не е точно“, ми рече Мацуда. „Канонот има свои корени во античка Персија. Понатаму, мојот интерес за сè што е арапско, покрај мојата фасцинација со етничките инструменти, ме наведе да го научам канонот“.

Потрагата на Мацуда за усовршување на канонот го одвела во Каиро, Тунис, Грција и Истанбул - град во кој бил седум пати. Додека бил во Истанбул, Мацуда одел на концерти и посетувал семинари и работилници. Се запознал со мајстори на канон како Гоксел Бактагир. На крајот, токму во Истанбул Мацуда сакал да се пресели на одреден период, но проблемите со визата се испречиле на овој сон - и затоа тој во Берлин дошол со работна виза за патување.

Деновиве, Мацуда често може да се види како свири во различни берлинско-балканско-ориентални музички групи низ градот.

Кога разговарав со него, еден ден по еден од неговите настапи, сфатив дека Мацуда освен Шинго има и друго име - Али. И затоа го прашав „Дали си муслиман?“.

„Да“, рече тој. „Види, јас го прифатив исламот“.

„Машала!“ му реков.

TRT World
Популарни