Ердоган се осврна и на испорачувањето на оклопни возила од Франција за Ерменијам за кое смета дека е провокација

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека неговата посета на Грција минала во „многу позитивна атмосфера“, и дека тоа би можело да отвори нова страница во односите меѓу Туркије и Грција.

Ердоган разговараше со новинарите во авионот при враќањето од посетата на грчкиот главен град Атина.

Турскиот претседател за новинарите ја оцени неговата посета на соседната Грција, и рече дека посетата се одвивала во многу позитивна атмосфера.

„Верувам дека мојата посета, која се одвиваше во многу позитивна атмосфера, ќе отвори нова страница во односите меѓу Туркије и Грција“, нагласи Ердоган.

„Ние не се мешаме во ничии законски права, а имаме цврста решеност да не дозволиме нашите права да бидат прекршени во Источниот Медитеран, и можно е фер споделување“, додаде тој.

Ердоган говореше и за ситуацијата во Палестина, и рече: „Имаме целосна верба во победата на Палестина, што значи триумф на светскиот мир, и враќање на посветеноста кон човековите права.“

„Израел спроведува државен тероризам“, рече турскиот претседател Ердоган, и праша: „Каде е Западот, САД? Реалноста е јасна, над 17.000 убиени, како да преминеме преку ова?“

Турскиот претседател нагласи дека неопходно е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите соучесници да добијат застрашувачка казна како пример за сите кои вршат геноцид.

Што се однесува до евентуалната средба со американскиот претседател Џо Бајден, Ердоган рече дека нема планирана средба со Бајден. „Неговиот став за Газа ни е познат на сите. Ако ни се јави, ќе разговараме со него“, истакна тој.

Ердоган за набавката на борбените авиони Ф-16 од Соединетите Американски Држави (САД) рече: „Ако сме два сојузника на НАТО, тогаш вие треба да го направите вашиот дел, а истовремено, нашиот Парламент ќе ја донесе потребната одлука.“

Меѓу другото, Ердоган се осврна и на испорачувањето на оклопни возила од страна на Франција за Ерменија.

„Ова е провокација. Франција треба да знае дека не ѝ прави добро на Ерменија, туку лошо“, рече тој.

„Би било во интерес на Ерменија да ја искористи можноста за мир, а не да падне во стапицата на заведени земји“, нагласи турскиот претседател.

AA
Популарни