Бајден претходно побара од Израел да не ги напаѓа иранските нафтени или нуклеарни локации / Photo: Reuters

Американскиот претседател Џо Бајден денес рече дека знае како и кога Израел ќе го изврши нападот врз Иран, на кој Техеран предупреди дека ќе одговори „одлучно“.

Прашан од новинарите дали знае кој би бил одговорот на Израел на иранскиот напад со балистички ракети на 1 октомври, и кога тоа би се случило, Бајден кратко одговори: „Да и да“.

„Можете ли да ни кажете? праша еден новинар. „Не и не“, одговори претседателот за време на посетата на Германија.

Соединетите Американски Држави почнаа да го распоредуваат напредниот ракетен одбранбен систем ТХААД (THAAD) за да ја зајакнат одбраната на Израел пред нападот од страна на Тел Авив, за кој министерот за одбрана, Јоав Галант, предупреди дека ќе биде „прецизен и смртоносен“.

Бајден претходно побара од Израел да не ги напаѓа иранските нафтени или нуклеарни локации, напади кои драматично би можеле да го ескалираат и онака влошениот конфликт.

Иран соопшти дека нападот со балистички ракети на 1 октомври го извршил како одмазда за атентатот на поранешниот политички лидер на Хамас во Техеран во јули и убиството на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, во Бејрут минатиот месец.

Речиси 200 проектили беа истрелани во бараж, кој погоди неколку локации во Израел, меѓу кои и израелски воен објект, но немаше жртви.

Размената на оган меѓу Тел Авив и Техеран ескалира оваа година откако Израел ја бомбардираше иранската амбасада во Дамаск, Сирија, на 1 април, при што загинаа високи воени офицери.

Иран одговори на тој напад две недели подоцна со лансирање стотици дронови и балистички ракети кон Израел. Скоро сите беа пресретнати од Израел, САД и сојузниците.

AA
Популарни