Израелскиот парламент гласаше за забрана на речиси осумдецениската агенција на Обединетите нации која обезбедува основни услуги за палестинските бегалци (УНРВА) , потег што може да има катастрофални последици за милионите Палестинци кои живеат под израелска окупација.
Во понеделникот, Кнесетот усвои два закони; Едниот ѝ забранува на УНРВА да дејствува во Израел, а другиот им забранува на израелските власти да имаат каков било контакт со УНРВА - поништувајќи го договорот од 1967 година што му дозволува на УНРВА да обезбедува услуги за палестинските бегалци во областите под контрола на Израел.
Овој потег помина и покрај жестокото противење на арапските членови на Кнесетот и силниот меѓународен притисок од западните земји. Првиот закон беше усвоен со 92 гласа за, 10 против. Вториот беше усвоен со 87 гласа за, 9 против. Неколку земји, вклучително и САД, изразија длабока загриженост поради контроверзната забрана, која може да влијае на образованието, храната, здравствената заштита и егзистенцијата на милиони Палестинци кои зависат од агенцијата. Пред гласањето, американскиот Стејт департмент го повика Израел да не го усвои законот, велејќи дека агенцијата во моментов игра „незаменлива улога во Газа“.
Државниот секретар Антони Блинкен претходно го предупреди Израел дека донесувањето на законот може да „има последици според американските закони и политиката на САД“.
Израелската армија уби 231 припадник на персоналот на УНРВА во нападите врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Израелската Влада започна кампања со клевети против УНРВА во исто време со започнувањето на бомбардирањата и гранатирањата врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година, тврдејќи дека агенцијата треба да се затвори со изговор дека наводно 14 вработени на УНРВА, во која има 12.000 вработени само во Газа, „учествувале во нападите на 7 октомври“.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара итен прекин на огнот Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година.
Локалните здравствени власти соопштија дека оттогаш во израелските напади се убиени повеќе од 43.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 101.100 се ранети.
Израелските напади го раселија речиси целото население на територијата на Појасот Газа, а блокадата доведе до недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.