Во овој процес сребрениот јодид, кој има структура слична на мразот, се распрснува во облаците за да поттикне формирање на кондензација и дожд / Photo: AFP

Властите во пакистанскиот град Лахоре во минатата сабота корисета вештачки дожд во обид да се исчисти силно загадениот воздух.

Ова е првпат во Пакистан да се спроведе експеримент со вештачки дожд, кој треба да донесе револуција во справувањето со опасното ниво на загаденост на воздухот.

„Почна да врне слаб дожд во најмалку десет делови на Лахоре“, изјави шефот на пакистанската провинција Пенџаб, Мохсин Накви.

Според Накви, Лахоре често е на врвот на листата на најзагадени градови во светот, а таква била ситуацијата и на денот на самиот експеримент.

Тој рече дека властите го следат влијанието на вештачкиот дожд во радиус од 15 километри.

Накви нагласи дека експериментот бил изведен со помош на владата на Обединетите Арапски Емирати.

Тој ѝ кажа на јавноста дека тестирањето на вештачки дожд е безбедно, наведувајќи повеќе од 1.000 такви мисии што годишно ги спроведуваат ОАЕ и слични технологии што ги користат САД и други земји.

Авиони кои носат опрема за сеење облаци - машини кои помагаат да се создадат облаци и да се зголемат врнежите - прелетаа над Лахоре во саботата.

Во овој процес сребрениот јодид, кој има структура слична на мразот, се распрснува во облаците за да поттикне формирање на кондензација и дожд.

Квалитетот на воздухот во Лахоре, главниот град на пакистанската најнаселена провинција Пенџаб, е особено лош во последниве недели, а провинциската влада спроведе неколку мерки, вклучително и предвремено затворање на бизнисите и затворање на училиштата за два дополнителни дена, но ниту една од нив немаше резултати.


TRT Balkan / агенции
Популарни